Вечерва од 19. часот, Куманово го дочекува составот на ТФТ од Скопје, што ќе биде прв официјален кошаркарски натпревар во Македонија по нешто повеќе од три месеци тренирање.

Како дел од БИБЛ лигата, вечерашниот дуел ќе се игра без присуство на публика во салата на Економското училиште „Перо Наков“ во Куманово.

За екипата на ТФТ ова е прв настап во една ваква конкуренција, особено доколку се земе в предвид дека по успешните настапи во ланската сезона во Втората лига обезбедија премин во Првата лига.

Ќе биде вистински предизвик и за тренерот Боро Смилковски и за неговиот млад тим подзасилен со неколку американски кошаркари, и еден од Австралија.

За очекување е да бидеме сведоци на една бескомпромисна борба на теренот, каде двете екипи ќе го дадат својот максимум. По игра на случајноста, ждрепката за домашното првенство ни го донесе тимот на Куманово за противник во првото коло. Оттука овој меч ќе биде одлична прилика за подобро да го запознаеме нашиот спортски ривал пред почетокот на Првата лига, вели тренерот Смилковски.

Додава дека како млад клуб, дебитант во БИБЛ лигата ќе се потрудат достојно да се претстават во регионот, а истовремено организациски да постават структура на која ќе се темелат нивните амбиции во годините кои следуваат.

После повеќе од два месеци напорна работа и тренинзи, конечно и премиера за нашиот клуб и тоа во БИБЛ лигата против одличниот тим на Куманово. Во една ваква ситуација, во услови на корона-пандемијата, мислам дека пред сè треба и сме благодарни на секоја можност некој натпревар да биде одигран, потенцира Смилковски.

Кумановските „сино-бели“ во последен момент направија две измени во играчкиот ростер. Нови играчи се 23-годишниот плејмејкер од САД, Лавејн Грент, и четири години поискусниот бугарски интернационалец, Георги Бојанов, кој со своите 201 сантиметри е дополнение на крилната позиција.

Натпреварот со ТФТ е прв официјален по пауза од цели осум месеци. Очекувам доста неизвесен натпревар. Како од фактот дека зад нас е една преголема пауза, но и поради квалитетот на екипата на ТФТ, која иако се води како дебитант во ова натпреварување, состави одлична екипа. Морам да кажам дека напорно тренираме уште од 15 август. Имаме млад и перспективен тим, а вечерва и предност на домашен терен која ќе се обидеме да ја искористиме. Ќе видиме како ќе изгледа сето тоа, вели првиот тренер на Куманово, Владимир Мирковски.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.