Екипата на ТФТ е најпријатното изненадување во досегашниот дел од кошаркарското првенство на Македонија. Со освоениот трофеј во Купот, тимот од Тафталиџе го сврте вниманието на кошаркарската јавност кон себе.

Боро Смилковски, најзаслужниот за постоењето и подемот на клубот во интервју за „Страна.мк“ го открива рецептот за успех на клубот.

Интервјуто го пренесуваме во целост.

Кошаркарската приказна на ТФТ претставува вистинско освежување на спорстката сцена во Македонија. Од каде идејата и почетоците на формирање на клубот од Тафталиџе?

Идејата потекнува многу одамна, сепак реализацијата на таа идеја се случува во 2018 година кога конечно созреваат условите за тоа.

ТФТ е еден од ретките клубови кои посветуваат внимание на работата на младинските категории. Дали тоа е важен елемент за напредок во македонската клупска кошарка?

Од самото формирање на клубот како еден од приоритетите на функционирање е формирање на ТФТ кошаркарска академија и младински селекции од каде во иднина би можеле да добиеме првотимци како „домашен производ“ на ТФТ. Во моментов имаме М18 и М15 селекција со околу 100 членови заедно со ТФТ академијата за почетници. Постојано работиме на унапредување на условите за функционирање на младинските школи и планирани се сериозни инвестиции во тој дел во периодот што следи.

На завршницата на купот ТФТ заигра по втор пат и успеа да слави над Пелистер, Академија ФМП и во финалето против актуелниот првак МЗТ Скопје. Тимот сите мечеви ги доби со двоцифрена разлика, кој е рецептот за успехот?

Успехот на неодамна завршениот куп на Македонија е производ на нешто што се случи во последните неколку дена. Мислам дека одлучноста во пристапот уште на првиот натпревар со Пелистер беше една од пресудните работи. Таа одлучност и желба за натпреварување не донесе во ситуација да го забележиме првиот триумф на турнирот.

Во тој момент на сите, а најмногу на себе си докажавме дека имаме квалитет и дека можеме да се натпреваруваме и против најдобрите. Останатите натпревари ги одигравме со една неверојатна енергија и самоувереност, силно верувајќи дека можеме и до пехарот што се испостави како точно и заслужено на крајот.

Како ја направивте селекцијата на играчи во тимот која е одличен спој на странци во комбинација со македонски играчи?

Селекцијата на играчи е направена после еден обемен скаутинг и доста непреспиени ноќи за потребите на истиот. Тимот е спој на играчи со големо искуство кои се неопходни да ја „држат соблекувалната“ со еден лидер на теренот како Аце Костоски, физички надмоќни странци и млади талентирани домашни играчи. За сето ова да функционира пред се е потребна хемија, што е резултат на квалитет и човечки особини на играчите како и голем број „оф корт“ активности и дружби.

Од каде љубовта за црно-белата боја, дресови во кои настапува и тимот?

Црно-белата боја на ТФТ се должи на мојата љубов спрема Партизан чиј навивач сум уште од дете.

Вие сте еден од ретките клубови кои не се општински или со голем спонзор. Како успевате финансиски да издржите околу обврските во клубот?

Клубот се финансира од една група ентузијасти поточно кажано фанатици кои секојдневно прават огромна жртва се со цел овој проект да функционира. Во моментов како и кај сите останати спортски клубови од голема помош ни е и спортскиот ваучер кој има значаен удел во реализацијата на нашиот годишен буџет.

Покрај настапот на домашна сцена, ТФТ има и меѓународно искуство со настапите во БИБЛ а играше и во квалификациите за ФИБА Лига на шампиони. Кои се амбициите на ТФТ до крајот на сезоната и во наредниот период?

Успехот од купот на Македонија пред се ни покажа што е потребно за да се победи и се надевам со еден таков пристап дека оваа екипа има капацитет за големи нешта оваа година. Како краткорочна цел за оваа сезона ќе кажам дека имаме амбиција да се пласираме на Фајнал 4 турнирот од БИБЛ и пласман во плејофот во македонското првенство.

Преземено од „Страна.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.