Никола Јокиќ и неговите двајца браќа, триумфално ја напуштија FTX Арената во Мајами откако Денвер славеше со 120:111. Со овој триумф, Денвер ја прекина серијата од шест последователни порази, најдолга за тимот во последните шест години.

Јокиќ, кој не настапи на претходните четири натпревари, оваа средба ја заврши со 24 поени, 15 скокови и седум асистенции, а голема помош имаше од Арон Гордон (20 поени), Боунс Хиланд (19 поени) и Вил Бартон (14 поени).

Со 24 поени и 13 скокови Бам Адебајо го предводеше Мајами, каде што недостасуваа двајцата најдобри стрелци, Џими батлер и Тајлер Хироу.

Ова беше прва средба на овие два тима по инцидентот меѓу Јокиќ и Маркиф Морис од Мајами на 8 ноември. На тој натпревар Морис направи валкан прекршок врз Јокиќ, по што српскиот кошаркар одговори силно туркајќи го Морис во грбот. Од тогаш Морис пропушти 11 натпревари со повреда на вратот.

По таа средба, братот на Морис и кошаркар на ЛА Клиперс, Маркус, преку социјалните мрежи порача дека „го чека“ дуелот со Јокиќ, на што пак, преку твитер одговорија браќата на Јокиќ, Страхиња и Немања, кои му порачаа на Маркус дека нема да дозволат никој да му се заканува на нивниот брат.

На дуелот во Мајами, тие двајца седеа веднаш зад клупата на Денвер.

Тие доаѓаат на нашите натпревари во Мајами секогаш кога тоа е дозволено и нема Ковид рестрикции. Но, тие никогаш не предизвикуваат проблеми. Тие се тука само за да му дадат поддршка на нивниот брат, нешто што секогаш го прават – изјави по средбата, тренерот на Денвер, Мајкл Мелоун.

Резултати од останатите натпревари:

Филаделфија – Орландо  101:96

Чикаго – Шарлот  133:119

Хјустон – Оклахома  102:89

Минесота – Индијана  100:98

Далас – Кливленд  96:114

Сан Антонио – Вашингтон  116:99

Јута – Портланд  129:107

ЛА Клиперс – Њу Орлеанс  104:123

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.