Лука Дончиќ реализира трипл-дабл со што го предводеше Далас до изненадувачка победа на гости против ЛА Клиперс со 113:103. Со овој триумф, Далас, кој во плејофот влезе како петтопласиран во Западната конференција ја поништи предноста на домашниот терен на Клиперси, кои беа четвртопласирани.

Словенечкиот кошаркар го заврши мечот со 31 поен, 11 асистенции и 10 скокови, а голема помош имаше и од Тим Хардавеј џуниор кој реализира 21 поен.

Во тимот од ЛА, кој е еден од најголемите фаворити за титулата, најпрецизни беа Кавај Леонард со 26 поени и 10 скокови и Пол Џорџ со 23 поени.

И во вториот натпревар на Западот победи пониско рангираната екипа пред плејофот. На гостувањето во Денвер, Портланд славеше со 123:109. Демијан Лилард ги предводеше Блејзерси со 34 поени и 13 асистенции.

Кај Денвер најдобар беше Никола Јокиќ со 34 поени и 16 скокови, што не беше доволно за да спречи водство на Портланд во плејоф серијата.

За разлика од Западот, во Источната конференција победи славеа повисоко рангираните екипи.

Милвоки со многу мака и дури по ппродолжението го совлада Мајами со 109:107. „Елените“ имаа тројца коишто постигнаа над 20 поени. Крис Мидлтон реализира 27, Јанис Антетокумпо 26, а Џру Холидеј мечот го заврши 20 поени.

Кај Мајами, Горан Драгиќ постигна 25, а Данкан Робинсон 24 поени.

Доста полесно до водство во плејоф серијата од 1:0 дојде Бруклин, кој го совлада Бостон со 104:93.

Водечкото трио на Бруклин ја предводеа својата екипа. Кевин Дурант постигна 32, Кајри Ирвинг 29, а Џејмс Харден 21 поен. Џејсон Тејтум постигна 22 поени за Бостон, но тоа не беше доволно за „зелените“ да избегнат пораз.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.