Екипата на Феникс санс славеше во Лос Анџелес против ЛА Лејкерс со 113:100 во шестиот натпревар од плејоф серијата и со 4:2 во победи оди понатаму. Ова е само седми пат во историјата актуелниот шампион да биде елиминиран од плејофот на негов домашен терен.

Најдобра играч на натпреварот беше Девин Букер, кој беше апсолутно фантастичен, особено во првото полувреме. Првиот дел Букер го заврши со 33 од вкупно 47 поени на средбата, на кои додаде и 11 скокови. Букер шутираше 15-22 од поле, 8-10 за три поени и перфектни 9-9 слободни фрлања.

Одлично одигра и Џеј Краудер со 18 поени, додека Микел Бриџис и Камерон Џонсон постигнаа по 10 поени.

За Лејкерси голем удар беше тоа што Ентони Дејвис по само пет минути игра ја влоши повредата на препоните по што го напушти натпреварот. Во негово отсутво, Леброн Џејмс постигна 29, Денис Шродер 20, а Кентавиус Калдвел-Поуп 19 поени, но тоа не беше доволно за да се спротивстават на разиграните кошаркари на Феникс.

Во второто плејоф коло, Феникс ќе игра против Денвер нагетс, кој славеше на гости против Портланд со 126:115 и со 4:2 во победи се пласира во полуфиналето на Западната конференција.

Клучен играч за Денвер беше српскиот центар, Никола Јокиќ, кој го заврши мечот со 36 поени, осум скокови и шест асистенции, а одлична партија пружи и Мајкл Портер Џуниор, кој имаше 26 поени и погоди шест тројки од 12 обиди.

Кај Портланд, Дејмиан Лилард постигна 28 поени, но со шут од игра 8-20, додека СЏ Мекколум мечот го заврши со 21 поен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.