Фудбалската федерација на Италија има намера да испита 62 трансфери направени од клубови од Серија А во периодот од 2019 до 2021 година.

Според „Sky Sport Italia“, Комисијата за надзор на фудбалските клубови испратила извештај до обвинителот Џузепе Чине и шефот на федерацијата Габриеле Гравин. Комисијата смета дека во овие 62 трансакции трансферната вредност на играчите била проценета превисока без објективна причина.

Најголем дел од сомнителните зделки ги направил Јувентус – 42 трансфери, каде 21 играч беа разменети за 90 милиони евра. Еден пример е трансферот на Марли Аке во Јувентус за осум милиони евра. Франко Тоња за истата сума се пресели во Марсеј од Јуве. Тоња сега настапува во четвртата лига во Франција, додека Аке игра во Серија Ц.

Прашања за Наполи има и околу трансферот на Виктор Осимен од Лил. Како дел од зделката, Лил доби четворица играчи на Наполи за 20 милиони евра. Сега двајца од нив играат во Серија Д, еден во Серија Ц, а еден е во Лил, но не игра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.