Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Спировски е уверен дека националниот тим предводен од селекторот Благоја Милевски има сили и квалитет да се избори за уште едно учество на големо натпреварување.

– Иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно тогаш сме на правиот пат, изјави Спировски за веб-страницата на ФФМ.

Тој е задоволен од соработката со новиот селектор за кого има само пофални зборови.

– Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина.

Спировски истакнува дека подготовката за натпреварите е она што посебно ги прави задоволни фудбалерите во репрезентацијата, а се однесува на тактичката анализа за натпреварите, инструкциите кои ги добива секој фудбалер посебно и анализа на противникот до најситните детали.

– Подготовката за натпреварите е различна. Ние знаеме дека секој тренер има свој методи на работа. Овој селектор и неговите соработници ни ги доловуваат и најситните детали. Се внимава и посветува внимание на секој сегмент од играта, од недостатоците и слабите страни на противникот, па сè до нашата поставеност. Секој од нас знае што треба да прави на кој било дел од теренот, додава Спировски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.