Со почетна цена од 200.000 евра денеска на аукциска продажба преку интернет ќе биде понуден автомобилот од марката „порше 911“ кое беше во сопственост на аргентинската фудбалска легенда Диего Армандо Марадона.

Сребреното „порше“ се поврзува со последната сезона која Марадона ја играше во Европа, како член на шпанската екипа Севиља, откако отслужи 15-месечна забрана поради позитивен тест на дрога.

Марадона со автомобилот доаѓаше на тренинзите и натпреварите на Севиља, а таа сезона прославениот аргентински фудбалер и неговото „порше“ се најдоа и на насловните страници, откако беше запрен од полицијата минувајќи на црвено светло со брзина од 180 километри на час во центарот на градот.

Автомбилот го возеше само Марадона и никој друг и поради тоа ова „порше“ веројатно би можело да чини двојно или три пати повеќе од реалната вредност на оваа марка – изјави Грегори Тујтенс, експерт за автомобили при белгиската аукциска куќа „Бонхамс“.

Автомобилот се нуди на продажба со 120.000 поминати километри, а аукцијата ќе трае до 10 март.

Еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња Диего Марадона почина на 25 ноември минатата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.