Доајенот на спортското новинарство, Зоран Михајлов е автор на првата авторизирана биографија на Дарко Панчев, која наскоро ќе биде пуштена во продажба, најавија од издавачката куќа „Арс Ламина“.

На денешен ден, 7 септември, во 1965 година, во Скопје е роден најславниот и најуспешниот фудбалер на Македонија – Дарко Панчев. Благодарение на своите голгетерски способности и вродениот рефлекс за скротување на топката во шеснаесетникот, тој се здобива со прекарот Кобра, како што е познат и до ден-денес во фудбалскиот свет. Решетејќи ги мрежите на звучните клубови во Првата југословенска лига како играч на Вардар, успева да стигне до врвот на лигата во сезоната 1986/87 година, по што станува привлечен за клубовите од т.н. „Голема четворка“: српските Црвена звезда и Партизан, и хрватските Динамо Загреб и Хајдук. Но, најбрза во трката за неговиот потпис е белградска Звезда, каде што ќе го достигне зенитот во својата кариера – освојување на тронот на клупска Европа и тоа токму со неговиот победнички погодок во пенал-рулетот против Олимпик Марсеј, и добивањето на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа. Потоа настапува и за гигантот Интер од Милано, за Лајпциг, Фортуна Диселдорф и за Сион, каде што ја завршува својата кариера. Бележити се и неговите настапи за југословенската репрезентација и за репрезентацијата на Македонија по осамостојувањето, на која ù беше првиот капитен. Тој е прогласен за Фудбалер на векот во Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.