Репрезентацијата на Словенија и го нанесе првиот пораз на Полска во квалификациите за Европското првенство 2022 година, откако вечерва на домашен терен славеше со 2-0. Полјаците допатуваа со максимален ефект на овој меч, но Левандовски и соиграчите не беа на висина на задачата, а словенечките фудбалери знаеја како да го искористат тоа и со головите на Струна и на Шпорар да стигнат до втората победа во овој квалификациски циклус.

Австријците лесно го совладаа нашиот следен противник, репрезентацијата на Летонија со 6-0. Австрија уште во првиот дел ги реши сите дилеми околу победникот со головите на Арнаутовиќ во 7. и Шабицер во 13. минута. Во второто полувреме продолжи доминацијата на домаќините, а мрежата на летонскиот состав беше наполнета до врв откако меѓу стрелците уште еднаш се запиша Арнаутовиќ, а по него и Илсанкер, Лаимер и Грегорич ја осигураа убедливата победа.

Полска по пет одиграни кола има 12 бода на врвот на табелата, Австрија е втора со девет, пред Словенија и Израел со по осум бода на своето салдо. Македонија е петтопласирана со пет бода, пред Летонија, која претрпе порази во своите пет досегашни средби од овие квалификации.

Во следното коло в понеделник се среќаваат Летонија – Македонија, Полска – Австрија и Словенија – Израел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.