Шкупи иако е меѓу најдобрите екипи во Првата македонска фудбалска лига реши да направи тренерска смена. Мухарем Бајрами се раздели со чаирчани, а тоа предизвика револт кај навивачката група „Шверцери“.

Приврзаниците на тимот од Чаир се огласија со соопштение и во истото порачаа дека управата не смее да си игра со легендите. Истовремено, се потенцира дека турски тренер нема да го направи Шкупи шампион и се вели дека со клубот не смее да се игра, затоа што ова е Скопје, а не Истанбул (порака до турските инвеститори н.з).

Објавата на „Шверцери“ во целост:

„За време на натпреварот со Струга добивме информација дека управата решила да го разреши Мухамед Бајрами. Управата планира реформи во клубот, а брка луѓе кои даваат и дале се за Шкупи.

Ние сме за реформи, ние сме за промени, ние сакаме Шкупи да е шампион. Ама имате ли причини зошто Муки доби отказ? Или мислите дека ќе донесете турски тренер и ќе станете шампиони?

Дали мислите дека може да си играте со Шкупи? Овој клуб има традиција, историја и култура. Шкупи е на граѓаните на Скопје. Шкупи е на „Шверцерите“. Немате право да си играте со клубот како да е нечија приватна сопственост.

Бараме да бидете внимателни со потезите кои ги правите. Шкупи е од Скопје, не е од Истанбул. Немојте да не терате да влеземе на стадион. Нема играње играчки со Шкупи! Истовремено, сакаме да информираме дека не знаеме за подобар тренер од Бајрами. Друг, нема да го прифатиме“

Шкупи е на второто место во ПМФЛ, а смената на Бајрами изненадува. Во јавноста кружат неколку имиња како наследници, најсериозно е она на екс-тренерот Умит Каран, но се очекува управата да се огласи во најбрз можен рок затоа што чекаат новите предизвици во мак-фудбалот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.