Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини во новогодишно обраќање до јавноста посака пласман на ЕВРО 2020.

 Пласманот на Европско првенство е остварување на сонот. Јас се надевам дека македонската репрезентација ќе биде во најдобро издание на бараж натпреварите против Косово на Националната арена „Тодор Проески“, а потоа и на финалната пресметка, сеедно дали ќе биде во Грузија или Белорусија. Оваа генерација одигра одлични натпревари во квалификациите и ја врати довербата во најдобриот национален тим, вели Сејдини.

Тој се обврза дека ФФМ ќе стори се за да им се обезбеди одлични услови на репрезентативците.

 Искрено, се надевам дека ќе бидеме на висина на задачата и ќе уживаме во моментите на радост. Треба да го задржиме заедништвото и квалитетот во натпреварите. Токму поради тоа, со голем оптимизам гледаме кон Европското првенство. Посакувам голема среќа на натпреварите за историски пласман на ЕП 2020. Федерацијата, како и секогаш до сега, ќе обезбеди максимални услови за репрезентацијата.

Кај првиот човек на македонскиот фудбал и понатаму останува заложбата за развојот на младинските категории.

Направивме голема работа со фудбалската академија која е во рамки на ФФМ, но наша цел е да им помогнеме и на клубовите да ја развијат младинската база. Оттаму, постојано се обидуваме да помогнеме и преку техничка поддршка за развој на младинскиот фудбал. Нашите тренери постојано ги праќаме да се едуцираат меѓу најдобрите, а тоа секако носи резултат и во младинските категории, посочува Сејдини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.