Tетовските прволигаши Ренова и Шкендија обезбедија вечерва второ коло во квалификациите за Лига Европа откако успеаа да ги освојат Ерменија односно Азербејџан со победи со 1-0 против Алашкерт односно 2-0 против Сумгаит, за разлика од чаирски Шкупи кој испадна уште на стартот со поразот од Нефчи во Баку со 1-2.

Македонија во септември ќе има три клуба во второто коло во квалификациите за Лига Европа, па покрај Ренова и Шкендија кои денеска обезбедија пласман, на 17 септември ќе игра и Силекс кој иако елиминиран од Лигата на шампионите по убедливите 0-4 од Карабах, ќе има утешен настап во „шампионската група“ од второто по ранг натпреварување.

Ако Шкендија беше фаворит на хартија и како носител замина во Азербејџан, Ренова имаше улога на аутсајдер, ама Ненад Мишковски по еден корнер во 58-та минута ја казни јаловата иницијатива на Алашкерт која во еден момент делуваше и како викторија пред голот на „гипсарите“, но без конкретна завршница. Мишковски беше највисок во скокот и ја погоди мрежата, по која цврстиот „гипс“ издржа во налетите во завршните половина час од мечот за на тетовци да им обезбедат подолг претстој на европска сцена. Алашкерт лани лесно ја мина Македонија ЃП во оваа фаза, но сега немаше премногу идеја како да ја урне организираната одбрана и цврста дефанзива на Ренова, па еден момент го реши мечот за голем троумф на „гипсарите“.

Најдобриот европретставник според коефициентот на УЕФА, Шкендија со два пенали вечерва го победи Сумгаит, откако Бесарт Ибраими во 56-та и Љупчо Дориев во 89-та минута стигна до победа за да го мине првиот квалификациски филтер, после ланската бламажа со елиминација за две недели од Европа. Тетовци денеска беа поконкретни, посмирени, посталожени и искористија два моменти од белата точка за да победат, иако имаа уште низа шанси, меѓу кои и Омер Имери на средина од вториот дел, но биеше сантиметри крај голот и веќе совладаниот азербејџански голман.

Шкупи испадна третпат по ред во третата сезона откако е на меѓународна сцена по враќањето во македонската елита, па денеска Нефчи во Баку ги победи чаирчани со 2-1 и ги елиминираше после воведната рунда во квалификациите за Лига Европа.

Шкупи се држеше повеќе од еден час, во кој Нефчи диктираше игра, ама и чаирчани умееа да се заканат, но пресуди еден шут и еден црвен картон во завршните 25 минути. Прво Мароканецот Самир Бургине од 20 метри во 67-та минута го совлада Кристијан Наумовски и тоа со помош на бразилскиот дефанзивец на чаирчани Бианор, кој го смени правецот и го измами својот голман, а три минути потоа Шкупи остана со десетмина на теренот по исклучувањето на Омар Гудиаби и со тоа шансите исчезнаа барем да се обезбеди продолжение и да се остане во битката за пласман во следната рунда. Антон Кривотсјук на две минути пред крајот го завери второто коло за Нефчи, а Шкупи само даде почесен гол преку својот најдобар стрелец Дембо Дарбо во третата минута од судиското надполнување.

Трите клуба кои ќе играат второ коло во понеделник ќе ги дознаат ривалите на ждрепката во Нион.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.