Пријателскиот фудбалски натпревар Олимпијакос – Галатасарај што требаше да се одржи денеска во Атина е откажан поради синоќешниот „инцидент“ на атинскиот аеродром, одбивањето на турскиот тим да биде тестиран при пристигнувањето во Грција, забраната за влез од грчките власти и одлуката на тимот да се врати во Истанбул, јави дописничката на МИА од Атина.

Од турска страна тврдат дека ги имале сите потребни документи за влез во Грција, од грчка страна пак, велат дека ги следат протоколите за пристигнувања од Турција и потребно било дополнително тестирање, кое го одбиле челниците на тимот.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, објасни дека натпреварот не бил закажан во рамките на некој меѓународен турнир со конкретен протокол, па затоа важат општите протоколи за влез во Грција и согласно пополнетиот PLF формулар здравствениот алгоритам покажал дека сите членови на турскиот тим требало да бидат тестирани со рапид тестови веднаш по пристигнувањето на аеродромот во Атина.

Во случајот на Галатасарај QR кодот на PLF покажа задолжителен рапид тест за сите. Цивилната заштита го активираше нејзиниот механизам за да постојат дополнителни екипи за да не се малтретира со чекање турската делегација, која сепак, одби да биде подложена на рапид тест, согласно одредбите што се во сила на грчкото законодавство. Поради нивното одбивање, со моја наредба не беше дозволен влез во нашата земја за членовите на делегацијата – рече Хардаљас.

Паралелно, додаде дека во Грција, нема отстапки за прашањата поврзани со јавното здравје, како и за спроведувањето на законите.

Во Грција, земја-членка на Европската унија, човековите права целосно се почитуваат и на жителите на земјата и на нејзините посетители, додаде грчкиот заменик-министер за цивилна заштита.

Оваа изјава, веројатно доаѓа откако капитенот на Галатасарај Арда Туран рече дека наишле на постапки спротивни на човековите права.

Тренерот на Галатасарај Фатих Терим, од друга страна, по враќањето во Истанбул објасни дека нивната одлука да заминат била поради непристојните и нефер практики од грчките власти и истакна дека тие ги имале сите потребни документи: ПЦР тест направен 24 часа пред патувањето, додавајќи дека двете земји меѓусебно ги признаваат резултатите и не е потребно ништо дополнително.

Според натписите во турските медиуми, целиот случај зазел и политичко- дипломатски размери со оглед на тоа дека министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, преку Твитер коментираше дека неспортскиот третман со кој се соочил турскиот тим е неприфатлив.

Дел од грчките медиуми пишуваат дека имало и телефонски разговор меѓу шефовите на турската и дипломатија.

Од Галатасарај, на „Твитер“ објавија фотографии од чекањето на атинскиот аеродром, коментираа дека станува збор за „арогантно однесување кон тимот“, а додека траеле „преговорите“, пристигнал и турскиот амбасадор во Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.