Настапот на македонската фудбалска репрезентација на претстојното Европско првенство е одлична можност за афирмација на државата и претставува шанса за спортската дипломатија да одигра важна улога во остварувањето на нашите национални интереси и стратешки цели.

Ова, како што е официјално е соопштено, е заклучено на денешниот прв состанок на владиното Координативно тело за поддршка на настапот на македонските фудбалери на ЕВРО 2020, на кој биле разгледани идеи и спроведување активности за поддршка на националниот тим пред и за време на одржувањето на Европското првенство.

-Македонската фудбалска репрезентација за прв пат учествува на Европско првенство во фудбал. Оваа историска можност треба да биде поддржана и од наша страна. Координативното тело ќе се заложи за промоција и целосна поддршка на нашата репрезентација. Верувам во успешна реализација на нашата замисла, истакна на состанокот претседателот на Координативното тело Наумче Мојсовски.

Во фокусот на првиот состанок, како што се наведува во владиното соопштение, биле функцијата и важноста на Координативното тело, спортската дипломатија, како и логистичкиот план поврзан со патувањата на фудбалерите и навивачките групи во услови на пандемија.

– На состанокот беше истакнато дека за остварување на овие цели се очекува силна институционална поддршка за активностите што Координативното тело ќе ги усвои за непречено спроведување на истите со цел поддршка за учеството на македонската фудбалска репрезентација на овој голем спортски настан, се наведува во соопштението.

Европското првенство на кое македонската репрезентација за прв пат во својата историја обезбеди настап, треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули ширум Европа, а „црвено – жолтите“ натпреварите од групната фаза ќе ги играат во Букурешт и Амстердам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.