Помладиот брат на Диего Армандо Марадона, Уго Марадона, починал на 52-годишна возраст поради смртоносен инфаркт. Тој починал во во својот дом во Монте ди Просида, општина што се наоѓа во провинцијата на Неапол, каде што живеел со своето семејство.

Смртта на Уго Марадона, доаѓа само кратко време по навршувањето на едногодишнината од смртта на неговиот славен повозрасен брат, Диего.

Како и Диего и Уго Марадона имаше фудбалска кариера, но многу понезначајна од таа на брат му. Како офанзивен фудбалер за врска, Уго ја почна својата кариера во Аргентонос јуниорс, а со неполни 18 години, во 1987 година направи тарнсфер во Наполи, во време кога Диего веќе беше на врвот на својата кариера во Неапол. Наполи веднаш го позајми во Асколи, каде што Уго играше против својот брат, кој го носеше дресот на Наполи.

Една година подоцна, Уго премина во Шпанија во Рајо Ваљекано, а во кариерата настапуваше и за Рапид Виена, како и за клубови во Венецуела, Уругвај и Јапонија.

Фудбалската кариера ја заврши во 1999 година.

Уго Марадона не дебитираше за сениорската репрезентација, но со аргентинската селекција го освои Јужноамериканското првенство за фудбалери до 16 години во 1985 година, постигнувајќи два гола во решавачкиот натпревар против Бразил.

По завршувањето на играчката кариера, Уго Марадона, беше тренер на неколку помали клубови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.