Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, преку социјалните мрежи му се заблагодари на селекторот Игор Ангеловски за соработката која ја имаа изминатите шест години во националниот тим.

Пандев ја заврши репрезентативната кариера со настапот на Европското првенство, додека Ангеловски потврди дека ја завршил соработката со ФФМ.

На 20 октомври 2015 година, прв пат кога се сретнавме, во вашите очи видов енергија, сигурност и голема желба да ја вратиш репрезентацијата во живот. Ги памтам твоите зборови кога ми рече дека ќе направите од репрезентацијата една голема фамилија и дека вашата цел е Македонија да се пласира на европско првенство. Сите овие години не беше лесно, имаше и многу пречки, но ти гордо ја чуваше нашата фамилија. Шефе, благодарам е малку да ти кажам, Вие го сплотивте цел македонски народ, Вие направивте да се сакаме како браќа во репрезентација и да гинеме еден за друг. Затоа, сакам да ти кажам дека вечно ќе останеш во моето срце – напиша Пандев.

Селекторот Ангеловски имаше најголема заслуга за враќањето на Пандев во репрезентацијата, кој пред неколку години се повлече од националниот тим.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.