Досегашниот капитен на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев изрази жалење што не се освои барем еден бод на ЕВРО 2020, но е уверен дека неговите досегашни соиграчи од националниот тим и во иднина ќе ги радуваат навивачите.

Сигурно, жал ми е што не освоивме барем еден бод. Бевме многу блиску, но и многу далеку. Знаеме дека овие се натпревари тешки за играње, многу искуство, ние сме прв пат на Европско првенство, многу емоции, луѓето едноставно сите во Македонија живееја со нас, сакавме да ги израдуваме. Жал ми е, но се надевам дека оваа генерација ќе има уште многу можности да ги израдува македонските навивачи, рече Пандев по пристигнувањето на аеродромот во Скопје.

На прашањето околу селекторското место 37-годишниот Пандев одговори:

Па не знам, тоа треба да одлучат луѓето дали Ангеловски ќе продолжи или нема да продолжи да биде селектор. Видовме и вчера по некои портали, уште не беше натпреварот завршен па излегоа со информации дека има нов селектор, па нека е со среќа на новиот селектор и на целата генерација. Се надеваме дека ќе нè однесат на Светско првенство. Јас не одлучувам за тоа. За тоа си има структури и одговорни. Јас мислам по мене дека требаше селекторот да го заврши овој циклус до Светско првенство, но знаеме кај нас како функционираат работите и сега прво да се одмориме, да бидеме малку со фамилиите па после ќе видиме.

За неговата иднина поврзана со фудбалот не сакаше да се произнесе, туку остава малку време до донесување на конечната одлука.

Планот ми е сега да се одморам малку со фамилијата, па после ќе размислувам како понатаму. За моите идни планови не знам, немам некоја желба да бидам тренер. Ќе видиме, можеби некој спортски директор или ќе почнам да работам со моите менаџери во Италија, рече Пандев.

Пандев репрезентативната кариера ја заврши со 122 натпревара и 38 постигнати голови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.