Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев вчера силно ја разбранува јавноста со својот статус објавен на „Инстаграм“. Тој сериозно ја искритикува работата на Фудбалската федерација, кога е во прашање водењето на Првата лига.

Капитенот на македонската репрезентација и денеска уште еднаш „удри“ по ФФМ во интервју за порталот „Дрнка.мк“. Останува на својот став дека Лигата мораат да ја водат клубовите, а не некои аматери од Федерацијата. Фудбалот им припаѓа на оние што вложуваат во македонскиот фудбал, како што го прави тој последниве 10 години.

„Секаде во светот одлучуваат клубовите. Не може некои луѓе да даваат пари па да дојде Трајко, Петко и некој друг да одлучуваат за клубовите“, вели фудбалерот на Џенова.„Мислам редно време е клубовите да ја преземат одговорноста и јавно да кажат дека тие треба да ја водат македонската лига, оти тие се сопственици на клубовите, дават пари и мислам не треба да се молчи, треба да се излезе јавно и да се кажат како стојат работите во Федерацијата. Очигледно на некои им одговара така како што стојат работите, имаат загарантирано место во Европа. Се знае кој ќе испадне, а кој ќе влезе и така со години си го терат мак- фудбалот. Секоја чест за репрезентацијата и условите, но зборувам за клупскиот фудбал, за Прва лига и редно време е веќе клубовите да ја преземат одговорноста и јасно да кажат дека вака не може да продолжат да се натпреваруваат во нашата аматерска лига, бидејки ја водат луѓе аматери од Федерацијата“, додава Пандев.

Целосното интервју на Пандев можете да го прочитате – ТУКА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.