Ако Англија ја освои Лигата на нации оваа година, тоа ќе биде поголемо достигнување отколку пласманот во полуфиналето на Светското првенство во Русија минатото лето, вели капитенот на тимот Хари Кејн. „Гордиот Албион“ ќе игра против Холандија во полуфиналето на Лигата на нациите на 6 јуни, а во другиот дуел се среќаваат европскиот шампион Португалија и Швајцарија.

Финалниот натпревар е закажан за на 9 јуни, а дуелите ќе се одиграат во Гимараеш и Порто.

Да имаш шанса да освоиш трофеј во дресот на Англија не се случува многу често. Ако ние го кренеме трофејот во Лигата на Нациите, во моите очи тоа е подобро постигнување од полуфиналето на Светското првенство во 2018-та година, изјави Хари Кејн.

Напаѓачот на Тотенхем и неговите соиграчи се подготвуваат за почетокот на Европскиот квалификациски циклус во група „А“. Во петок играат со Чешка, а следниот понеделник одат во посета на Црна Гора. Во истата група се и Бугарија и Косово.

Навистина се надевам дека ќе освоиме трофеј. Се разбира, 2018-та година беше фантастична за нас, но најважно е да се освојуваат важните натпревари, а исто така и трофеите. Тогаш можеме да кажеме дека сме постигнале нешто, додаде Кејн, кој од Русија се врати со „Златната копачка“, по постигнатите 6 гола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.