Есперанс Тунис ја освои африканската Лига на шампиони откако во реванш натпреварот од финалето го совлада Видад Казабланка со 1:0.

Првиот натпревар во Мароко, во кој Видад беше домаќин, заврши со резултат 1:1 и имаше доста контроверзи поради лошото судење, а синоќа Есперанс славеше со 1:0 и го освои трофејот.

Но, дефинитивно ова беше еден од најконтроверзните натпревари, не само на африканско тло туку општо.

Единствениот гол на мечот го постигна Белали во 41. минута, но Мароканците во 62. минута го напуштија теренот бидејќи им беше поништен чист погодок. Поточно, одбија да играат, а подоцна Есперанс беше прогласен за победник и шампион на Африка.

На мароканската екипа и беше поништен погодокот за 1:1, но ВАР не работеше на стадионот и судијата не можеше да ја провери ситуацијата повторно.

Досуден беше офсајд, но ако се погледне снимката и самите ќе видите дека гостинскиот состав е оштетен и дека со право одби да го продолжи мечот.

Eден од играчите на Видад дури и им покажуваше на сите дека мониторот за ВАР е тотално уништен и дека тоа се случило  пред спорниот момент. Очигледно некој го направил тоа само за судијата да не може да ја погледне спорната снимка, но тоа не е никаква пречка бидејќи ситуацијата можела да се погледне во ВАР собата и да му биде пренесено на главниот судија дали е гол или не, а од Есперанс преку Твитер истакнаа дека системот не работел уште пред почетокот на натпреварот.Мечот го одбележаа разни неспортски ситуации, а имаше и физички пресметки на патот до соблекувалната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.