Жозе Мурињо вечева ќе се бори за нов европски трофеј, Рома и Феенорд играат во финалето од Конференциската лига во Тирана.

Мурињо досега нема загубено финале во европските купови, со Порто ја освои Лигата на шампионите и Куп на УЕФА, со Интер Лигата на шампионите, а со Манчестер јунајтед Лига Европа.

Сега ќе има шанса да биде првиот тренер кој ја освоил Конференциската лига, но дали тоа ќе се случи, ќе дознаеме вечер.

„Финале е. До крајот на мечот нема ништо во мојата глава освен тоа. Таков сум. Искуството не помага. Се чувствувам како ова да е мое прво финале. Фокусиран сум. Тоа е начинот на кој се подготвувам за натпреварите“, вели Жозе Мурињо.

„Ова финале е историја. Ние успеавме да стигнеме до тука, но сега мора да дадеме се од себе за да ја завршиме работата и да победиме“.

Со победата над Торино од 3-0, Рома се квалификуваше за Лига Европа. На последните натпревари Рома беше без Мхитарјан кој е еден од клучните во тимот на Мурињо. Ерменецот синоќа имаше полесен тренинг, прв по повредата.

„Мхитарјан првпат тренираше со групата, полесен тренинг. Тоа беше важно за него, а дали ќе игра ќе зависи од него. Тој си го познава телото и ќе ми каже дали ќе може да игра, јас ќе му верувам“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.