Годинава то изминува ќе остане запаметена по пандемијата на корона вирусот што го освои целиот свет, но за љубителите на фудбалот во Македонија, оваа година ќе остане во сеќавањето по историскиот прв пласман на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство.

Како што во интервју за „Слободен печат“, вели претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Мухамед Сејдини, избореното учество претставува неопислива радост. Сепак, како што истакнува Сејдини, за да биде задоволството заокружено, ќе биде потребно на Европското првенство да може да присуствуваат и навивачите, нешто што за жал, се уште не е сигурно.

Со оваа ситуација каква што е, не само кај нас, туку и во останатиот дел од светот, не можеме ништо да претпоставиме однапред, па ниту УЕФА. Европската куќа на фудбалот ги носи одлуките од ден во ден, од недела во недела, како ќе се одвива ситуацијата, така и ќе се носат одлуките. Многу жално би било, прилично за нас, затоа што за првпат настапуваме на едно такво големо натпреварување, а да немаме публика, да нѐ поддржуваат. Публиката е еден од најголемите инспиратори за нашите играчи, друго е кога играте пред навивачите кога те бодрат, а друго е што се вика „на слепо“. Ќе ги почитуваме одлуките кои ќе ги донесе УЕФА, па со Господ напред, да одиме да победуваме – вели Сејдини.

Претседателот на ФФМ го истакнува придонесот на сите членови на репрезентацијата, но особено на капитенот Горан Пандев, кој покажал врвни лидерски способности и успеал да ги сплоти сите фудбалери и да ги поведе кон историскиот успех.

Лично и јавно му се заблагодарувам на Горан Пандев затоа што многу придонесе за оваа репрезентација. Придонесе што ги сплоти овие момци, сите играчи, да се чувствуваат како во своја куќа, како едно семејство. Неговата кариера, неговата висина што ја има во спортот не ја покажа апсолутна пред своите фудбалери, туку се постави заедно со нив, тоа е големината пред сѐ на еден човек. Таа кохезија што ја донесе меѓу стари и млади, пред сѐ би рекол дека тоа е Горан Пандев, човекот што ја создаде таа фамилијарна средина. Ние на ЕП нема да одиме со „бело знаме“, ќе одиме да играме фудбал, е сега тоа се 90 минути на теренот – вели Сејдини.

Целото интервју на претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини на „Слободен печат“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.