Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација Лука Модриќ, чиј договор со Реал Мадрид истекува за една година, рече дека се надева дека ќе го продолжи договорот затоа што „може да игра на ова ниво уште неколку години“, но не е сигурен дали клубот ќе му понуди продолжување на соработката.

Секако, би сакал да продолжам, но тоа не зависи од мене, туку од тоа што сакаат од клубот и тренерот, рече Модриќ во интервју за шпанското радио КОПЕ.

Додава дека верува оти сепак може да биде важен за Реал Мадрид со неговата игра.

Сакам да ја завршам кариерата тука, но не сакам да бидам проблем. Убеден сум дека ќе постигнеме договор, каков и да е тој, или за продолжување на договорот или за моето одење во друг клуб. Тука се чувствувам како дома, додаде тој.

Модриќ наполни 35 години минатиот месец и е највозрасниот играч на Реал Мадрид, со договор до 30 јуни 2021 година.

Модриќ дојде во Реал Мадрид летото 2012 година и оттогаш освои 17 титули, од кои четири во Лигата на шампионите.

Во белиот дрес на „кралскиот клуб“, тој забележа 343 настапи и постигна 22 погодоци.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.