Легендарниот поранешен германски репрезентативец, Лотар Матеус, е убеден дека тренерот на Баерн, Ханси Флик, за последен пат го предводеше тимот во Лигата на шампионите затоа што на крајот од сезоната ќе го напушти баварскиот клуб.

Причината за тоа е „војната“ помеѓу него и спортскиот директор, Хасан Салихамиџиќ, околу трансфер политиката на клубот во која тренерот сака да има поголема улога.

Затоа, поранешниот капитен на Баерн и на германската репрезентација е убеден дека Флик од лето ќе биде нов селектор на Германија, каде што ќе го замени Јоаким Лев, кој по Европското првенство си заминува од функцијата.

Матеус, истовремено највува дека наследник на Флик во Баерн ќе биде најбараниот млад тренер во Европа, Јулијан Нагелсман од Лајпциг.

Ханси Флик ќе си замине на крајот од сезоната. Веќе постојат понуди од Германската фудбалска федерација и тој ќе биде идниот селектор. Баерн работи на тоа да го донесе Јулијан Нагелсман – изјави Матеус по испаѓањето на Баерн од ПСЖ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.