Роберто Манчини ја врати селекцијата од Италија на патот на старата слава и освојувајќи го Европското првенство ја продолжи низата од 34 натпревари без пораз. По 53 години, Италија повторно е на врвот на Европа.

По несреќата и непласирањето на Светското првенство во Русија пред три години, Манчини стана спасител и влезе во историјата на фудбалот на Апенините. Тој го врати сјајот, без примен гол стигна до завршниот турнир, а потоа ја освои круната.

Примивме гол, се мачевме, но сепак доминиравме во поголемиот дел од натпреварот. Момците се прекрасни, не знам што друго да кажам. Ова е важна победа за сите луѓе во Италија, сите наши навивачи, нека слават вечерва, рече еуфоричниот Манчини за националната телевизија.

 

Селекторот на италијанската репрезентација по победата во финалето на ЕВРО 2020 го истакна силниот настап на Британците на турнирот.

Невозможно беше да се замисли дека сето ова е можно во одредени моменти. Но, моите фудбалери се покажаа како прекрасни. Немам зборови да го опишам сето ова. Ова е прекрасен тим. Зад тежок натпревар, кој стана уште потежок поради брз примен гол. Но, освен самиот почетен сегмент, ние денес доминиравме на теренот. Пенали бараат малку среќа. Жал ми е за Англија бидејќи и тие имаа прекрасен турнир. Мислам дека ќе продолжат да напредуваат. Ние сме многу среќни, изјави Манчини.

Италија беше подобар ривал во поголемиот дел од натпреварот, имаше поголем посед на топка и подобар голман во пенал серијата. Судбината на Манчини како селектор му го враќа тоа што не можеше да му го понуди како играч. Најголемиот успех на легендарниот ас на Сампдорија и Лацио како професионален фудбалер е полуфиналето на Европското првенство во 1988 година.

Италијанската репрезентација по втор пат стана европски шампион. Првиот пат трофејот го освоија во 1968 година. Италија по четврти пат играше во финалето на ЕП, во 2000 и 2012 загубија, а еднаш беа трети (на ЕП 1988).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.