Македонската фудбалска репрезентација ја прекина серијата од три последователни нерешени натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство во Катар идната година и со 4:0 (1:0) го совлада Лихтенштајн во Вадуц. Со оваа победа Македонија изби на второто место во квалификациската група Ј.

Првото полувреме мина во целосна доминација нанашите фудбалери, но Милан Ристевски и Елиф Елмас шутираа за малку непрецизно, Дарко Чурлинов ја погоди пречката, а голот на Александар Трајковски беше поништен поради офсајд. Сепак, македонија поведе во 39 минута преку Дарко Велкоски.

Теренската иницијатива на нашата репрезентација продолжи во вториот дел, а до убедлив триумф стигнавме со головите Езџан Алиоски од пенал (66 мин), Бобан Николов (74) и Дарко Чурлинов (83) за прва победа под водство на новиот селектор, Благоја Милевски.

Во преостанатите два натпревари вечерва во групата, Германија со пресврт ја совлада Романија на домашен терен со 2:1, додека Исланд и Ерменија одиграа нерешено 1:1.

По седум одиграни натпревари, македонската репрезентација е второпласирана со 12 бодови, идентично колку и третопласираната Ерменија, а шест помалку од лидерот Германија, која в понеделник гостува во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.