Фудбалската репрезентација на Македонија имаше одлична можност да победи кај Исланд, меѓутоа кобниот финиш му дозволи на домашниот тим да извлече реми (2-2) во рамки на петтото коло од квалификациите за Светското првенство (СП) кое во 2022 година се игра во Катар.

По бледата премиера против Ерменија во септемврискиот прозорец, Македонија на ова гостување покажа далеку поинаква игра, меѓутоа пак не го освои целосниот плен. Милевски се реши за две измени во стартниот состав, на местото на Јаховиќ и Трајковски шанса добија Ристовски и Костадинов, па младоста како да донесе и повеќе енергија на теренот и Македонија играше доста полесно и полетно. Сепак, пресуди кобниот финиш во кој се примија два брзи гола, првиот по грешка на голманот Димитриевски, а вториот го даде најмладиот играч на теренот, Андри Гудјонсен. Ова реми е повеќе болно од она со Ерменија, затоа што Македонија имаше тотална контрола на играта на овој натпревар цели 80 минути

Дуелот во Рејкјавик почна со шанса на домашната селекција. Уште во воведните минути нападот на „рибарите“ се обиде да му направи проблем на Димитриевски откако по една нафрлена топка со лизгачки старт се обиде да погоди Гудмунсон, ама топката замина над голот. И тоа беше се од страна на домаќинот во воведните 45 минути, затоа што од тој момент „рисовите“ ја презедоа играта. Македонија почна да прави притисок пред голот на Исланд и да ја држи топката. Противникот беше притиснат на половината, а бедемот капитулира во 12. минута, кога по еден изведен корнер на Алиоски погоди Дарко Велковски со глава и тоа од тешка позиција.

Постигнатиот погодок ѝ даде елан на играта на Македонија, па не се застана со создавањето на шансите. Во продолжението од натпреварот Тихомир Костадинов и Езџан Алиоски го ставија на мака голманот Рунарсон со два шута од далечина. Чуварот на мрежата на Исланд добро реагираше и ги одби налетите на „рисовите“. Тоа беше резултатот и на паузата, а на стартот на второто полувреме, Исланд вторпат капитулираше на средбата. Во 54. минута Езџан Алиоски изведе еден одличен соло-продор и по грешка на одбраната биеше со шут по земја за предност на нашиот национален тим од 0-2.

Десетина минути по вториот гол на Македонија, Исланд првпат ја стресе нашата мрежа, ама за среќа постоеше ВАР и спречи неправда, затоа што Арнарсон реализира со глава од офсајд. Следните десетина минути од мечот во Рејкјавик, Македонија ги сведе на искуство. Мирно се чуваше топката и на ривалот не му се даде многу да игра на нашата половина и да креаира опасност кон голот на Димитриевски. Се до 78. минута, кога еден од помладите во националниот тим на Исланд, 21-годишниот дефанзивец Бринјар Инги Бјарнарсон, погоди по една грешка на голманот Димитриевски кој испушти топка по слободен удар и му ја подари во нозете и му дозволи да го постигне првиот гол на официјалните мечеви за селекцијата.

Целиот извештај на гол.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.