Македонската футсал репрезентација го освои вториот бод во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година, откако вечерва на гостински терен одигра нерешено 1:1 против фаворитот Србија.

Српската репрезентација ја искористи почетната конфузност во македонскиот состав за да поведе преку Марко Пршиќ во четвртата минута, но избраниците на Васил Скендеровски брзо ги консолидираа редовите и израмнија преку Иван Крстевски во 10 минута.

Домаќините продолжија и во вториот дел да доминираат во поседот на топката и беа блиску да го вратат водството во 27 минута, но ударот на Милош Стојановиќ заврши во стативата.

Македонската репрезентација, предводена од одличниот Антонио Петровски на голот, одолеаја до крајот на сите напади на Србија и непоразенa се враќа од Врање, пред реванш натпреварот што ќе се игра во вторник во Скопје, со почеток од 19 часот во салата „Јане Сандански“.

По три одиграни натпревари во четвртата квалификациска група, македонските футсалци се на третото место на табелата со два бодови, колку што имаат и Романија, на второто, и Србија, на четвртото место, додека лидерот Босна и Херцеговина досега освои максимални девет бодови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.