Пандемијата на коронавирус ќе ја принуди УЕФА да го одложи претстојното Европско првенство (ЕП) во фудбал, оцени денеска германскиот вирoлог Карл Лаутербах.

Тој, во интервју за германскиот портал „Т-онлајн“, истакна дека епидемиолошката состојба на европскиот континент на почетокот на пролетта уште повеќе ќе се влоши, што одржувањето на ЕП ќе го направи невозможно.

-Мислам дека ЕП мора во целост да биде откажано, бидејќи состојбата во многу европски држави во март ќе биде полоша отколку што е денес, изјави Лаутербах.

Здравствениот експерт  од редовите на Социјалдемократска партија СДП), која е дел од германската владејачка коалиција, наведе дека состојбата со коронавирусот во март ќе биде таква што никој нема да размислува околу идејата за одржување на ЕП во присуство на публика.

-Никој во Европа не може да појде од точката дека кон средината на годинава ќе имаме доволен број вакцинирани луѓе, додаде Лаутербах.

ЕП, што поради пандемијата на коронавирус Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) го презакажа лани за 2021 година, треба да се одржи во 12 градови во исто толку европски држави, од 11 јуни до 11 јули.

УЕФА претходно овој месец соопшти дека, засега, не разгледува алтернативи на планот за организација на претстојното ЕП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.