Велешкиот бизнисмен Кочо Анѓушев, кој е спонзор на македонскиот фудбалски прволигаш Борец, најави повлекување од клубот, поради тоа што, како што изјави, „оваа гарнитура на ФФМ нема респект кон  финансиерите“.

За време на собранието на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Велес, Анѓушев изрази несогласување со методот на работа на Изборното собрание на делегат за Собранието на ФФМ. Актуелниот втор човек на ФФМ, Лазар Ракиџиев, беше реизбран без ниеден противкандидат и немаше гласање за предложените кандидати за делегати.

Тоа го револтираше Анѓушев, кој се обрати од говорницата и потоа ја напушти салата каде што се одржуваше седницата.

Немам намера да бидам на ниту една функција во ФФМ. Вака ако се работи, ќе нема фудбал во Македонија. Се гледа како е исценирано ова Собрание на ОФС Велес. Тука не постои респект спрема финансиерите. Јас дадов милион евра за неполни пет години за да стане Борец тоа што е денес. Во ова сценарио нема да учествувам, во ваков избор на делегати. Тоа е како да си пукам сам себеси во нога. Вие можете да правите што сакате, Борец вреди повеќе од еден делегат. Немам намера да врбувам делегати. Можете да направите се, но не можете да ги натерате спонзорите да инвестираат. Ние не можеме да финансираме во такви сценарија. Во ова сценарио јас треба да поддржам нешто што треба да работи контра мене. Затоа, „Брако“ сериозно ќе ги разгледа одлуките за финансирање на Борец во иднина. „Брако“ е општествено одговорна компанија, но не мора да дава пари во фудбалот. Има и други спортски субјекти во градот. Вие со овие одлуки фудбалот го враќате на ниво од пред четири години. Вие денеска ја одлучивте судбината на Борец – изјави Анѓушев.

Целото обраќање на Анѓушев може да го погледнете во 22. минута од видеото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.