Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска преку соопштение го осудувија, како што го велат тие „говорот на омраза“ искажан на фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија. Според нив, тој има дополнителна тежина во контекст на актуелните политички односи.

Иако социјалните мрежи во последниве години станаа примарна арена на говорот на омраза во нашето општество, и понатаму не изостанува злоупотребата на спортските трибини за пласирање понижувачки и навредливи пораки мотивирaни од омраза. За жал, говорот на омраза заснован на етничка и национална припадност традиционално се излева на спортските натпревари, а единствено што се менува е субјектот на омраза на конкретен настан, во зависност од учесниците, велат од Хелсиншкиот комитет.

Со оглед на популарноста на спортските настани, според здружението, „загрижувачки е што таму изнесените пораки полни со омраза добиваат поголема видливост, вклучително и на традиционалните медиуми, а со тоа се зголемуваат и негативните ефекти од ваквиот говор“.

Токму такви последици, тврдат од Хелсиншки, имаат извиците и пораките од навивачите.

Разорните ефекти од јавно манифестираната омраза значат понатамошно продлабочување на поделбите и намалување на просторот за рационален и толерантен дијалог во рамки на општеството и во меѓусоседските релации, посочуваат во соопштение.

Хелсиншкиот комитет апелира до сите политички, спортски и други општествени чинители да се придружат во осудата на овој говор, и тоа да го сторат не само заради политичкиот момент, туку и за да се испрати јасна порака дека е неприфатливо ширењето омраза на јавни места и настани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.