Седумкратниот германски фудбалски првак Шалке 04 викендов со евентуален пораз или нерешено ќе го израмни неславниот рекорд во Бундеслигата од 31 натпревари без победа.

Рекордот од сезоната 1965/66 е во „суверено владеење“ на актуелниот петтолигаш Тасманија Берлин, чиј претседател Алмир Нумиќ му порача денеска на бундеслигашот од Гелзенкирхен да изнајде начин конечно да победи в сабота, на мечот на домашен терен против Хофенхајм.,

-Овој рекорд е наша култна работа. Ако останеме без него веќе никој нема да ја споменува Тасманија. Никогаш на овој рекорд не гледавме негативно. Подобро е да нè споменуваат, отколку да не нè споменуваат, изјави првиот човек на петтолигашот од Берлин, потврдувајќи ја тезата дека секој публицитет е добра реклама.

Шалке, кој во моментов е последнопласиран во Бундеслигата, е во серија од 20 порази и десет нерешени натпревари, откако последен пат победи во јануари 2020 година, против Борусија Менхенгладбaх со 2:0.

Пред неодамнешното гостување на Шалке кај Херта, навивачите на Тасманија поставија транспарент пред Олимпискиот стадион во Берлин, на кој испишаа порака до играчите на Шалке: „Не го чепкајте нашиот рекорд“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.