Германската критика на политиката за човекови права на Катар во пресрет на Светското фудбалско првенство изгледа лицемерна, изјави министерот за надворешни работи на Катар Мохамед бин Абдел-Рахман, мислејќи на германската подготвеност да склучи договори за гас со земјата за да се обезбеди снабдување со греење.

Министерот за надворешни работи, исто така, ги нарече европските критики за Катар „многу расистички“, во коментар за денешното издание на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

– Од една страна, германскиот народ е погрешно информиран. Од друга страна, пак, владата нема проблем со нас кога станува збор за енергетски партнерства или инвестиции, потенцираше шефот на катарската дипломатија.

Откако Катар беше именуван за домаќин на Светското фудбалско првенство оваа година, на Запад се зголемија критиките за начинот на кој се третираат работниците од странство – обично мигранти. Дополнителни грижи предизвикува тамошниот однос на властите кон човековите права и личните слободи, посочува ДПА.

Сепак, Катар е клучен глобален производител на гас, кој стана поскап по руската инвазија на Украина. Конфликтот ги поттикна повеќето западни земји да започнат со бојкот на Русија, која ги затвори „славините за гас“ за повеќето западни земји. Така, неколку светски лидери – вклучително и оние од Германија – го посетија Катар во последните месеци во обид да обезбедат резерви.

Бин Абдел-Рахман рече дека не може да сфати зошто постои еден стандард за фудбалот, а друг за горивото. – Ова не е однос каков што сакаме да видиме меѓу две земји како Германија и Катар, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.