Политиките на УЕФА за немешање на владите во работата на Фудбалските федерации и владините политички игри околу обидот за контрола на националниот фудбалски сојуз пред Европското првенство се двете главни причини поради кои цели 4 дена Фудбалската федерација на Македонија не реагира на Ад Хок телото формирано од Владата.

Пред 4 дена директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски е назначен за претседател на Координативното тело за поддршка на фудбалската репрезентација на Македонија за претстојното Европско првенство кое ќе се одржи следниот месец на кое за прв пат игра и Македонија.

Без воопшто да се консултира со ФФМ, управниот одбор или претседателот Сејдини, владата на последната седница донела одлука за формирање на Координативно тело за поддршка на фудбалската репрезентација на одложеното Европското првенство во фудбал 2020 кое ќе се одржи годинава.

Пред владината одлука ниту владата ниту Агенцијата за спорт не се консултирала за овој потег кој може да се толкува и како притисок врз ФФМ.

Официјално Координативното тело има за цел да ја помогне репрезентацијата во промоцијата на историските настапи на Еуро 2021.

Неофицијално владиното тело треба да овозможи добивање на политички поени од огромниот успех на репрезентацијата но и каква таква контрола врз работата на ФФМ чиј што врв сега не е под никакво влијание на двете главни партии во владата СДСМ и ДУИ.

Претседателот Сејдини и управниот одбор следејќи ги насоките на УЕФА не сакаат да дозволат владата да има било каква улога врз федерацијата или да го исполитизира учеството на големиот европски фудбалски турнир во пресрет на локалните избори.

За да се анулира ваквата ситуација во која владеачките партии немаат никаква контрола на македонскиот фудбал и за да може владата да црпи политички поени од успехот се формира вакво непотребно тело каде свои членови делегираат премиерот Заев и вицепремиерот Артан Груби, тврди член на УО на ФФМ кој инсистира на анонимност поради комплицираните односи меѓу владата и федерацијата.

Тој предупредува дека ако владата се обиде преку телото на било кој начин да влијае во активности кои се во исклучива надлежност на ФФМ или УЕФА тоа може да се врати како бумеранг врз македонскиот фудбал.

УЕФА најстрого забранува политичко мешање во националните федерации.

Дека се работи за политичко тело со политички интереси најдобро се гледа од предходниот однос на владата кон ФФМ, вели друг член на УО на федерацијата кој потенцира дека за разлика од сите други федерации на фудбалската не и беа дадени ниту симболични ваучери за помош што според него е некоректно кон спорт кој се доживува како најважна споредна работа на светот.

Легендарниот Горан Пандев, како и соиграчите , Алиоски, Адеми, Барди и Елмас со победата против Грузија и донесоа историски пласман на Европското првенство. Фудбалерите напишаа историја и европската фудбалска јавност и светските медиуми беа воодушевени од репрезентативците. Победата над четирикратниот првак Германија пред месец и половина одекна силно во светската јавност и тоа беше најголема промоција на Македонија како земја. Прашање е колку ова ново Координативно тело ќе може да ја ја промовира фудбалска репрезентација, односно што можат владините функционери да направи во рекламирање на настапот на Евро 2020 повеќе од една величина како Горан Пандев и неговата дружиина, на чело со Мрме, пишува во своја анализа порталот ммс.мк на Радио 77.

“Сакаме да помогнеме како држава, ова е историски настап на фудбалската репрезентација и заслужува државна промоција. Телото ќе има за цел да го промовира учеството, да организира настани како дружења со дечиња. Сме немале се уште средба и не ги знам членовите. Институциите треба да определат членови и потоа да седнеме и да видиме како ќе им помогнеме на фудбалерите”, изјави за ММС, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

За ММС, Владата го објави и составот на координативното тело.

“Во телото два претставника ќе има од Кабинетот на претседателот на владата, по еден претставник и заменик член од Фудбалската федерација на Македонија, Олимпискиот комитет, Јавното претпријатие Национална Радио Телевизија- Скопје, Медиумската информативна агенција, Службата за општи и заеднички работи, Генералниот секретаријат на Владата, Кабинетот на првиот заменик претседател на Влада и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, МНР, МВР, а во него ќе членуваат и Националниот координатор за стратегиски комуникации, како и Директорот на Агенцијата за млади и спорт кој е назначен за претседател на Координативното тело“, соопштија оттаму.

Телото ќе брои вкупно 18 члена од различни институции. Премиерот Зоран Заев треба да назначи двајца претставници од својот Кабинет, еден претставник и заменик член треба да одреди Фудбалската федерација, по еден член и заменик ќе доаѓа од Македонската радио телевизија и од државната новинска агенција МИА. Во телото ќе членува и националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец.

Од Кабинетот на првиот заменик претседател на Влада, Артан Груби треба да дојдат уште еден член и заменик. Груби на јавноста и е познат како поранешен лидер на навивачката група „Шверцери“. Порталот „Призма“ неодамна објави дека во кабинетот на првиот заменик претседател на Заев, од декември минатата година советници се Омер Буњаку – предводник на „Шверцери“ и директор на фудбалскиот клуб Шкупи и популарниот пејач Шпат Касапи кој е советник за култура. Искуството на овие функционери може да биде значајно во координирањето на навивачките активности и бодрењето на Македонија.

Влезниците и патувањето во Букурешт и Амстердам, градовите домаќини на македонската фудбалска репрезентација се и најголем проблем во моментов, па директорот на АМС, Наумче Мојсоски сака да го стави акцентот на тој проблем.

– Да видиме со УЕФА и организаторите во Букурешт и Амстердам дали може да правиме организација за навивачки карвани. Немаме никакви информации од УЕФА за влезниците, ниту за конечниот капацитет на стадионите, ниту за тоа колку влезници ќе и следуваат на Македонија. Се зависи од пандемијата и мерките кои ги преземаат земјите организатори на Евро 2020. Во Романија се уште сме на црната листа и можеме да влеземе само со негативен ПЦР-тест, а не можат да се поврзат двата меча без да останете 15 дена во карантин. Наскоро земјите домаќини ќе ги дефинираат критериумите и ќе можеме да почнеме со активности – рече Наумче Мојсоски за ммс.мк и додава дека Координативното тело нема да навлегува во ингеренциите на Фудбалската федерација на Македонија.

Европското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули 2021 година. Избраниците на селекторот Игор Ангеловски се наоѓаат во група со Австрија, Украина и Холандија. Македонија ќе дебитира на 13 јуни против Австрија на националниот стадион во Букурешт кој засега има одобрен капацитет од 12.000 гледачи.

Вториот меч против Украина е закажан на 17 јуни, исто така во главниот град на Романија, додека третиот натпревар против Холандија ќе се одигра во Амстердам на 21 јуни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.