Македонската фудбалска репрезентација денеска ги објави цените за билетите за натпреварот со Германија во рамки на квалификациите за Светското првенство што се игра на 11 октомври на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Влезниците ќе се продаваат по цена од 100 денари за западната трибина, 300 денари за блоковите 1, 2, 5 и 6 од јужната трибина и блоковите 13, 18, 19 и 24 од северната трибина и 500 денари за централните блокови од јужната и северната трибина на Националната арена „Тодор Проески“.

Капацитетот на стадионот е ограничен на 50 отсто согласно со мерките за заштита од Ковид-19 и протоколот на УЕФА.

Продажбата почнува од утре и тоа електронски преку мрежата „МкТикетс“. Билетарницата на нашиот најголем стадион исто така ќе биде отворена и за физичка продажба на билети  од 9 до 11. октомври во периодот од 10 до 18 часот. Едно лице ќе може да купи најмногу четири билети со приложен документ за идентификација.

Согласно официјалната одлука на Владата на натпреварите е дозволено присуство единствено со приложување на еден од следните документи:

– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот Ковид-19, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест

– Сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

Не се однесува на лица под 18 годишна возраст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.