Докторите, медицинските сестри и целокупниот технички персонал во болниците ќе имаат приоритет при распределбата на влезници од ФФМ за да ја бодрат македонската репрезентација на претстојното Европско првенство во фудбал.

Одлуката, како е соопштено, денеска ја донесе Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), изразувајќи надеж дека состојбата со коронавирусот ќе дозволи УЕФА да даде „зелено светло“ за присуство на навивачи на Европското првенство, кое ќе се одржи од 11 јуни до 11 јули идната година во 12 држави на европскиот континент. 

Претседателот на ФФМ Муамед Сејдини истакна дека одлуката на Фудбалската куќа на фудбалот е израз на скромна почит кон медицинскиот персонал за нивните секојдневни натчовечки напори и заложби за заштита на здравјето на македонските граѓани во услови на пандемија на коронавирус.

Јасно ми е дека ова е премалку, но чувствувам потреба на медицинскиот персонал на скромен начин да им се оддолжиме за пожртвуваноста и повеќемесечниот труд што го вложуваат за да не заштитат сите нас. Да им ја искажеме нашата почит за нивната работа и да покажеме дека сме општество што цени вистински вредности, истакна Сејдини.

Најсреќен би бил кога во јуни 2021 година, нашите медицински лица би ги замениле маските и скафандрите со навивачки реквизити, кога трагите од нив и уморот на нивните лица ќе ги заменат со насмевки за головите што нашите ќе го постигнат на Европското првенство, додаде претседателот на ФФМ Сејдини.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.