Реал Мадрид се врати на врвот во Ла Лига, откако го совлада нивниот голем ривал Барселона со 2:0 на „Сантијаго Бернабеу“. На трибините беше и поранешната ѕвезда на „белите“ Кристијано Роналдо, кој се чини им донесе среќа на „кралевите“.

Двете екипи поделија по едно полувреме откако Каталонците пред паузата испуштија најмалку три чисти позиции. Во вториот дел, сепак избраниците на Зинедин Зидан притиснаа и по неколку додавања стигнаа до гол на Виничиус во 71. минута.

Во дополнителното време, Маријано Дијаз ја потврди победата со втор гол по неговиот прв допир на топката.

Така, Реал Мадрид се врати на врвот во пласманот со 56 поени, веќе еден пред втората Барселона, а битката за титулата во следните 12 рунди ќе биде немилосрдна.

Уште пред да започне мечот, беа постигнати неколку лични достигнувања. Серхио Рамос стана играч со најмногу настапи во „Ел Класико“ – 44. Лео Меси со 43 одиграни натпревари во дербито на Шпанија го подобри рекордот на Шави.

Од друга страна, Карим Бензема излезе на натпреварот број 500 со екипата на Реал Мадрид.

За „кралевите“ ова беше прв триумф пред своите фанови против лутиот ривал по шест години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.