Натпреварот од 10. коло од шампионатот на Шпанија меѓу Барселона и Реал Мадрид ќе се одржи на 18 декември, беше објавено денеска официјалната веб-страница на Фудбалската федерација на земјата. Времето за почеток на средбата сè уште не е објавено.

Се посочува дека таква одлука донесе Комитет за натпреварување, анализирајќи ги предлозите на двата клуба, при тоа разгледувајќи го и извештајот на претставниците на федерацијата за можноста за термин на натпреварот.

Веднаш по објавувањето на датумот, Ла Лига се закани со тужба против Шпанската фудбалска федерација, бидејќи според нив денешната одлука е спротивна од ставот на лигата.

Ла Лига бараше „Ел Класико“ да се одигра на 7 декември, затоа што на 18 декември има дуели во Купот на Шпанија.

Барселона, пак, се најде во мошне незгодна ситуација, бидејќи во неполни три недели ќе мора да одигра неколку пеколно тешки натпревари. Убиствениот ритам на Барса започнува на 1 декември во Мадрид, кога му гостува на Атлетико. Потоа следува меч со Мајорка на домашен терен, Интер и Реал Сосиедад на гости, па големото дерби со Реал. Сето тоа во само 17 дена.

Во пресрет на ноемвриската репрезентативна пауза на Каталонците според распоредот им следува и дуелот со Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите.

„Ел Класико“ првично требаше да се одржи на 26 октомври. Натпреварот беше одложен поради масовните протести во Каталонија. Жителите на регионот излегоа на улиците, протестирајќи против затворските казни за водачите на движењето за независност во регионот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.