На очекување на многумина, Шкендија вчера и „пушти“ 3 бода на струмичка Беласица, а чаршиските муабети само се потврдија кога се виде со каков состав истрча стратегот Ќатип Османи. Беласица, борејќи се за опстанок, по А. Пандев ја доби и Шкендија и сега е со добри шанси за да остане во најсилната македонска лига.

Вчерашниот меч заврши со резултат 2-1 за струмичани, а секој коментар е излишен откако ќе го погледете вториот гол. Пепи Георгиев рано го отвори резултатот, а неверојатниот автогол на Бејтулаи од 30-тина метри го доведоа домаќинот во водство од 2-0, за Шефити го намали срамот за конечни 2-1.

Автоголот за кој денеска сите зборуваат, ретко кој ќе го остави без коментар.

Македонската спортска јавност и домашните медиуми денеска на големо пишуваат и реагираат за „циркузите во очајниот домашен шампионат“ и „дека некои работи многу однапред се знаеја“.

Од што ги „штитеше“ Ќатип Османи „големите имиња“ вчера попладне – од срам дека мора да се загуби? Како одеднаш првотимите добија одмор и тоа во момент кога кога титулата теоретски не е обезбедена и кога сили нема за што да се штедат (нема друг фронт на кој треба да се истрча)? За разлика од многу други земји, во правилникот на ФФМ не стои дека еден клуб мора да игра со најдобрите што ги има во моментот (без суспендираните, повредените…). Шкендија на старт ја утна со нефер-плеј и неетички потег во однос на сите други македонски прволигаши. Изговорите дека на играчите им требал одмор се провидни и смешни!, пишува Спорт1.мк.

Уште на почетокот на неделата во спортските кругови се шушкаше токму околу овој натпревар, дека лидерот Шкендија би можел да и пушти три бода на Беласица. Се случи токму тоа, а дека нешто „смрдело“ околу натпреварот го потврдува и фактот дека најпознатата страна за обложување „Bet365“ го немаше овој натпревар во својата понуда.

Она што го прави овој сомнителен натпревар уште поинтересен, како и целата ситуација со Беласица на крајот на сезонава, се информациите кои пред неколку месеци беа објавени во дел од домашните медиуми, дека тутунскиот бос Бајруш Сејдиу е влезен во сопствеништвото на Беласица со посредништво на високи претставници на власта, па сега се прават сите можни напори и сценарија за клубот да остане во прва лига.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.