Велшкиот селектор Роб Пејџ му забрани на капитенот на репрезентацијата Герет Бејл своето слободно време на претстојниот Мундијал во Катар да го пополни со играње голф.

Пејџ, како што пренесуваат британските медиуми, посочи дека забраната е со цел неговите фудбалери максимално да бидат фокусирани на турнирот во Катар.

Нема да има голф. Кога Бејл, Мур и Ремзи ќе ме прашаат што да правиме утре попладне и имаме ли состанок, би им одговорил: Не, нема состанок, слободно одете да играте голф, но во Катар нема да можете, порача Пејџ.

Бејл е „најпознат голфер меѓу фудбалерите“, а неговата љубов кон тој спорт најмногу ги „нервираше“ навивачите и раководството на Реал Мадрид додека велшкиот фудбалер настапуваше за шпанскиот тим.

Изминатото лето Бејл го напушти Реал и се пресели во американскиот прволигаш Лос Анџелес.

Велс прв пат по пауза од 64 години обезбеди настап на Светско првенство, а во Катар ќе игра во група со Англија, Иран и САД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.