Вечерва во 18 часот македонската фудбалска репрезентација ќе ги добие противниците во квалификациите за Светското првенство во Катар во 2022 година.

На ждрепката што ќе се одржи во Цирих, Македонија ќе биде дел од четвртиот шешир,заедно со Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и Луксембург што значи дека нема шанси да играме со некоја од овие селекции.

Затоа, пак, постои можност да играме во целосно балканска, а со тоа и многу атрактивна и интересна група во која би биле (соодветно од првиот кон четвртиотиот шешир) Хрватска, Србија, Грција и Македонија. Ваква група, освен што ќе предизвика огромен интерес кај публиката, поради релативната изедначеност на сите селекции, ќе ни даде и солидна шанса да се бориме барем за место во баражите за Мундијалот.

Има и друга можност за Македонија да се најде во „балканска група“, но наместо Србија од вториот шешир, во групата да биде Косово од петтиот. Тоа доаѓа од правилата на УЕФА*** кои забрануваат (од политички причини) одредени селекции да се најдат во иста група, каков што е случајот со Србија и Косово.

Во однос на посакуваните противници со коишто би можеле да имаме поголеми шанси за едно од првите две места во групата, тука е Данска од првиот шешир, Велс, Романија или Турција од вториот, како и Шкотска или Сверена Ирска од третиот.

Што се однесува за форматот на квалификациите, репрезентациите ќе бидат поделени во 10 групи од по пет или шест селекции, при што репрезентациите што ќе играат на финалниот трнир на Лигата на нации (Белгија, Франција, Шпанија и Италија) ќе бидат во некоја од помалите групи.

Победниците на десетте квалификациски групи ќе обезбедат пласман на Мундијалот, додека второпласираните, заедно со две селекции од новото издание на Лигата на нации, ќе играат баражи за обезбедување билет за Катар 2022.

*** Освен Србија и Косово, правилата на УЕФА ги забрануваат и следните парови во иста група: Косово и БиХ, Косово и Русија, Украина и Русија, Ерменија и Азербејџан, како и Шпанија и Гибралтар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.