Белгискиот фудбалски великан, Андерлехт не успеа да избори настап во европските купови по 56 години, откако во последното првенствено коло беше поразен со 2-1 кај Гент и така сезоната ја заврши на шестото место на табелата.

Во пресрет на последното коло Андерлехт и Гент беа бодовно израмнети во борбата за последното место кое водеше во фудбалска Европа, а на крајот поуспешни беа домашните. Гент поведе со голот на Гиорги Квилитаија во 2-та минута, Андерлехт израмни во 74 минута преку Јаник Боласи, а веќе по две минути домаќинот повторно дојде во водство преки Џонатан Давид.

Титулата во белгиското првенство уште во четвртокот ја осигури Генк кој ќе игра во Лигата на шампионите, втор е Клуб Бриж кој ќе се обиде преку квалификациите да се пласира во најквалитетното европско натпреварување. Трет е Стандард кој ќе игра во фазата по групи во Лига Европа, додека четвртиот Антверпен и петиот – Гент ќе играат квалификации за ова натпреварување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.