Aдвокатoт на навивачката група „Комити“, Ванчо Шехтански, демантира дека имало било каков инцидент после натпреварот Вардар-Слога, при кој приведени се и навивачи.

Како што информира МВР, во неделата службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Н.(20), Х.Ѓ.(22), Д.М.(18), Д.С.(24), Д.Г.(20) и четири малолетни лица, сите од Скопје, поради тоа што претходно на Плоштад „Македонија“, во близина на „Камен Мост“, како дел од навивачка група од околу 25 лица, со тврди предмети фрлале кон полициски службеници поради тоа што не им било дозволено да преминат преку мостот. Исто така, на „Кеј 13-ти Ноември“ тие физички нападнале други четири малолетници, сите од Скопје.

Адвокатот Шехтански вели дека 13 навивачи биле приведени без никаков повод и причина.

Како адвокат на навивачката група „Комити“, демантирам дека имало било каков инцидент после натпреварот Вардар – Слога, при која наводно се приведени 4 навивачи на Вардар заради каменување полицајци. Вистината е дека синоќа околу 17 часот биле приведени 13 навивачи, без никаков повод и причина. При моето одење во ПС Пролет и Центар, беше наведено од инспекторите кои случајно беа од иста националност дека наводно биле нападнати малолетни навивачи од друга група. Меѓутоа такви лица не ни беа посочени, ниту пак имаше повредени, за билтенот на МВР да излезе со крајно спротивен став дека биле каменувани полициски службеници, што е неточно. Односот на инспекторите спрема родителите на приведените недолжни деца навивачи на Вардар беше чуден, а едниот му се обрати вулгарно – дали знае дека син му е „Комита“. Заради немање докази и очигледна намера за конструкција која остана неуспешна, навивачите беа пуштени. Заклучокот од оваа невкусна конструкција е свртување на вниманието на јавноста и префрлање на вината на недолжни деца, со цел да се скрие и тргне вниманието од сквернавењето на МНТ, реагира адвокат Ванчо Шехтански.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.