Аријан Адеми е македонскиот фудбалски репрезентативец кој го има клучот од средниот ред на нашата репрезентација.
Адеми беше повреден и со Косово, но даде максимум, а уште поважно, повреден дојде и на собирот во Скопје и смогна сили да настапи речиси еден час во Тбилиси и на крајот мораше да биде повлечен од клупата, бидејќи предната ложа не можеше да издржи повеќе, иако нема дилеми дека ако Ангеловски немаше право на замена, тој ќе останеше до самиот крај на теренот.

За хрватскиот портал „24 Сата“, Адеми ги сподели своите импресии по пласманот на историското ЕП за Македонија.

„Љубоморен им бев на соиграчите во Динамо кои се репрезентативци и играа големи натпреварувања. Едноставно, сакав да го искусам тоа. Ете, сега и на мене ми се случи и чувството е феноменално. Вредеше секоја секунда откажувања и труд. Среќата и задоволството на народот во Македонија по овој пласман е нешто што не може да се опише со зборови“.

Адеми има три настапи за Хрватска на неофицијални натпревари, беше на поширокиот список на „Коцкастите“ за СП во Бразил 2014 година, но Нико Ковач не го повика со оглед на големата конкуренција кај Хрватите на неговата позиција. Тогаш одлучи да го прифати повикот на Македонија со која сега ќе игра на ЕП.

„Никогаш не сум жалел за своите одлуки. Кога одлучив да заиграм за татковината на своите дедовци, дадов сто проценти во таа приказна. Минатото коло бев најавен дека ќе играм против Истра, па не истрчав на теренот, можеби пола Македонија ми се јави да ме праша што се случило. Таквите работи даваат дополнителен мотив. Гледаш дека те ценат и дека те почитуваат и мое е да им вратам на најдобар начин. Имав некои проблеми, но да имаше и барем 1 процент шанса да истрчам во Грузија, јас тоа ќе го направев“, вели Адеми.

На крајот, не можеше и да не каже збор-два за Горан Пандев.

„Неописливо драго ми е за него. Имаше страшна кариера и знам дека сакаше да направи нешто со репрезентацијата. На крајот, успеа да замине на ЕУРО и тоа на начин што тој го даде голот кој не одведе таму. Се чини дека е како вино, колку постар, толку подобар. Одличен карактер, фантастичен играч. Одлично се сложуваме“, изјави Адеми.

Извор: Спортклуб

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.