Две недели неверојатна дружба со публиката, многу македонски изведувачи, одлични водители и детски насмевки во изобилство. Благодарение на Комора на музичка индустрија, од 25.12.2023 па се до вчеравечер, на Плоштад Македонија се случија најдобрите забави и градот убав ја доживеа најубавата празнична приказна.

Последниот празничен ден започна со специјална детска програма со многу детски маскоти и подароци, а вистинската магија започна кога на сцена излегоа Sarah Mace & The Christmas Girls. Атмосферата за дневната програма дополнително ја загреа инструменталниот состав ВИС Аманет.

Последната фестивалска заврши со феноменалните настапи на Фиц D’invisibles и Некст Тајм. Водителите Димитар Атанасовски и Ненад Ѓорѓиевски и овојпат со задоволство ја забавуваа многубројната публика.

Во изминатите две недели се отпеаа и отсвирија најголемите македонски хитови, Плоштад Македонија блесна во полн сјај, а Скопје и скопјани добија забава каква што им доликува.

Комора на музичка индустрија во соработка со Град Скопје, со спонзорство на Дајмонд Мол, Телеком, Тинекс и Пелистерка подготвија празнична бајка во центарот на Скопје која предизвика само насмевки и воодушевувања кај сите посетители.

И од Комора на музичка индустрија и од Град Скопје се горди на целиот проект, благодарни на позитивниот одговор од македонските изведувачи, среќни од целата позитивна енергија што публиката ја возврати и токму затоа, се надеваат дека оваа манифестација ќе прерасне во долгогодишна традиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.