Пред концертот на скопскиот стадион кој е закажан за 15 јуни, балканската музичка ѕвезда, Здравко Чолиќ допатува во Скопје и денеска одржа средба со новинарите на која разговараше за деталите околу концертот, за Евровизија, музиката…

Концертот се најавува како најголем досега, со одлична продукција за македонски и балкански услови. Сцена над 50 метри, височина 20 метри, специјални ефекти, гудачки оркестар, пиротехника, специјални гости, многу изненадувања…

Убав ден на сите, благодарам што дојдовте. Еве повторно се враќаме на некои наши претходни настани и периодот кога настапував на овој стадион. Додуша тогаш беше стариот скопски стадион, но сега сето ова изгледа величенствено, а минатата сезона овде се играше купот на шампионите, така што доаѓањето на овој стадион за мене претставува посебна чест и задоволство. Морам да кажам дека не беше моја идеја да одржам концерт на овој стадион, тоа беше идеја на организаторот, така што по извесно размислување и по двата концерти во Арената „Борис Трајковски“, одлучив да направиме еден летен концерт. Навистина е голема возбудата да се биде на еден вака убав објект. Се надевам дека ако не послужи времето тоа би можело да биде една прекрасна вечер, рече Здравко на почетокот на средбата со новинарите.

Организаторите очекуваат повеќе од 60.000 посетители на концертот.

Од наша страна ќе биде се професионално изведено. Се зависи од повеќе околности, пред се од времето. Знаете летните настапи, концертите во тој период на отворено секогаш зависат од времето. Репертоарот секогаш е оној што го знае публиката, но самата енергија е посебна на стадион и тоа е нешто што го издвојува стадионот од, да речеме, концертна сала, спортска сала или некои простори кои се затворени и кои можеби се поинтимни. Овде има една голема енергија, потполно е различно чувството, и самиот концерт. Со оглед на тоа дека во Скопје сум настапувал и на плоштадот и во различно концертни и спортски сали, ова е сега вака реновиран стадионот, освен тоа што  е посебен предизвик, мислам дека не знам што би можело да се посебно освен мене и публиката. Би сакал  само да има добро расположение, а со ваква публика како што е македонската нема да изостане, истакна Здравко.

Моќна е самата помисла на присуството на 60.000-70.000 луѓе на едно место, она што не може ниту еден политичар да го направи, му успева на Здравко.

Не знаеме сеуште колку публика ќе има, но мислам дека е убаво кога има многу публика на вакви настапи. Јас во Скопје сум го одржал најпосетениот концерт во мојата кариера. Мојот најголем концерт во животот е на плоштадот во Скопје. Имаше проценки дека присуствувале 120.000 луѓе. И стадионот „Маракана“ потоа во 2001 малку помал концерт. Стадионите се простори кои се мошне импозантни, но на крајот воопшто не е важно колку посетители има, важна е енергијата на публиката која се создава и кога се настапува на помал простор. Енергијата е важна, за луѓето да го запаметат тој  настан како една убава вечер, рече Чолиќ.

Организаторите се задоволин од продажбата на билетите и велат дека за нив е голем предизвик да се направи еден вака спектакуларен настан со вакво големо име, а Чолиќ ги повика сите да дојдат да се дружат и да имаат една вечер за убави спомени.

Имам многу пријатели во Македонија, во Скопје особено. Ние ќе се видиме деновиве, ќе се дружиме. Би сакал овој пат сите луѓе од Македонија да бидат со нас на 15 јуни, да се дружиме и тоа да биде некаква порака на љубов, пријателство и заедништво низ целото време кое не врзува во минатото и се разбира и она што не очекува во иднина. Таа порака на љубов, пријателство и мир ја праќаме преку музиката која не поврзува, а ние се занимаваме со музика и тоа нека биде повик заедно да уживаме, истакна тој.

Предвиден е посебен сообраќаен режим на денот на концертот, а вратите од стадионот ќе бидат отворени од 17 часот. Има организиран превоз од сите градови во Македонија за да може што повеќе љубители на музиката на Чолиќ да присуствуваат на концертот.

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.