Вчера во раните утрински часови заврши тридневната ПИН музичка конференција со која официјално беше отворен годинашниот ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ и која го претвори Скопје во Европски центар на врвните професионалци во музичката индустрија! Со повеќе од 200 делагати и говорници и над 100 музички уметници кои од 25 до 27 ноември во МКЦ – Скопје пристигнаа од повеќе од 40 различни земји од светот, оваа единствена ваква манифестација кај нас, по 8ми пат го потврди својот статус како една од најголемите и најзначајни музички конференции во регионов, која е од исклучително значење за промоција и вмрежување на регионалната и западноевропската сцена.
Како своевиден фестивал во фестивал, ТАКСИРАТ на ПИН претстави импозантната тридневна програма со стотици славни имиња од музичкиот бизнис, меѓу кои беа и британскиот букинг агент Мартин Елборн кој од 1983 е дел од организацијата на големиот „Гластонбери“ Фестивал, а воедно и ко-основач на фестивалите „Вомад“ и „Д Грејт Ескејп“, како и Карл А. Х. Мартин – архитектот познат по својот ангажман во дизајнирање, изградба и активно раководење на дел од најголемите концертни сали и стадиони низ светот, воедно редовен координатор на локација на стадионските концерти на Мадона, Пол Макартни, Роџер Вотерс и многу други. Меѓу британските гости на ПИН во Скопје беше и легендарното име во музичкиот бизнис Стефен Бад – директор на проектот на Дејмон Албарн „Африка Експрес“, а меѓу другото и извршен ко-продуцент во „Амнести Интернешнал“, за чија музичка карирера е снимен и краток документарен филм.
ПИН конференцијата беше домаќин на претставници од речиси на сите водечки европски музички фестивали како унгарскиот „Сигет“, српскиот „Егзит“, швајцарскиот „Монтрео Џез“, словачкиот „Похода“, велшкиот „Фокус Велс“, чешкиот „Колор Митинг“, но и руските „ВолгаФест“ и „Вајлд Минт“, и уште многу други. Особено бројна делегација сочинуваа претставниците од најзначајните регионални музички стејкхолдери па тука беа словенечките „Друга Годба“ и „Џез Фестивал Љубљана“, „Индиго“ фестивалот од Србија, но и претставниците на Клуб „Мочвара“ од Загреб, хрватските „РТЛ“, „Порин“ наградите и „Далас Рекордс“; од Србија „Глич рекордс“, „Лампшејд Медиа“, „Поп Депрешн“, „Белград Бир Фест“, но и фотографската легенда со српско потекло а кој живее и твори во Велика Британија, славниот Брајан Рашиќ кој како фотограф има соработувано со најголемите музички ѕвезди во светот од Мади Вотерс до Роби Вилијамс, од Синатра до Пол Макартни и од Чак Бери до „Колдплеј“. Од македонската музичка индустрија како говорници на конференциските панели на ПИН имавме чест да ги погледнеме Оливер Белопета (Скопје Џез Фестивал, Оффест), Владица Младеновски – Грга (МКЦ – Скопје), Дарко Андонов (Trap Da Fuck Up), Васко Атанасоски (Бернис Пропаганда, Пасворд Продакшн).
Покрај конференцискиот дел, ПИН подразбира и шоукејс програма т.е. концертната програма со целосен фокус на промоција на музичките уметници, а во чии рамки пред делегатите на конференцијата и пред македонската публика настапија десетици музички ѕвезди во подем, најактуелни имиња од новата музичка сцена ширум Европа и подалеку. Концертите на ПИН се одржуваа на повеќе сцени паралелно, со повеќе од 30 настапи во две вечери и со бесплатен влез за сите посетители. Пред публиката која максимално го исполни капацитетот на Младинскиот Културен Центар во Скопје, во петокот вечерта имавме чест да ги погледнеме настапите на нашите одлични „Lufthansa“, потоа „MMNK“ од Чешка, „Gipsy Groove“ од Косово, „I Wear Experiment“ од Естонија и несомнено ѕвездите на вечерта, српскиот бенд „Репетитор“. Во кино „Фросина“ со своите настапи восхитуваа „Балкан Таксим“ од Романија, италијанците „Savana Funk“ и претставувајќи ја домашната сцена, Дина Јашари и Зарина Првасевда. Паралелно, во исклучително пријатниот амбиент и поинтимната атмосфера на бината во „МКЦ Ресторан“ уживавме во настапите на „34’О“ триото од Бугарија, шпанскиот панк-рок бенд „Vulk“, наградуваниот и веќе славен Том Артвеј од Чешка, а сосема уникатно и исклучително енергично доживување беше настапот на групата „cinemon“ од Полска.
Втората концертна вечер на ПИН, убедливо најголем интерес кај публиката предизвика шармантното „Trio Mandili“ новиот музички феномен од Грузија со милионска публика ширум светот, а кои ексклузивно имавме чест да ги погледнеме премиерно кај нас со настап во „Денсинг“ салата, каде што исто така брилираа со своите настапи „Koala Voice“ од Словенија, „Piqued Jacks“ од Италија, македонскиот млад состав „Stoned Hedge“ , фасцинантниот германец Mambo Kurt и за затворање на оваа бина, босанскиот диџејски тандем „Diskobajagi“. Во кино „Фросина“ пак, имавме чест да уживаме во врвните музички перформанси и прекрасната музика на извонредни уметници од world music сцената и тоа од Куба „Grupo Compay Segundo“, од Македонија Драган и Ратко Даутовски, како и групата „Перија“ и украинскиот „Hudaki Village Band“. Третата и четвртата бина за затворањето на ПИН беа резервирани за „Toka Shitet“ и „Cut Your Nipple“ од Македонија, „Woodstock barbie“ од Украина и „Ineffable“ од Романија.
Со неверојатно богата програма, овој тридневен настан продолжува да ги става во фокусот најактуелните темите поврзани со музиката, евент индустријата, музичката продукција, културните правци, алтернативната култура, музичкиот менаџмент и промоција, медиумите, дигитализацијата. Главната цел на конференцијата е да ги внесе најдобрите светски искуства во македонската музичка и креативна индустрија, преку што го поврзува целиот регион со европската сцена стимулирајќи ја размената на идеи и искуства, и соработка на луѓето кои творат во полето на музичката уметност.
ПИН музичката конференција е организирана со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.
НА 7 ДЕКЕМВРИ, ГЛАВНА ВЕЧЕР НА ТАКСИРАТ #23
Програмата на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ продолжува со главната Фестивалска вечер која ќе се одржи на 7 декември во две сали во С.Ц. „Борис Трајковски“ во Скопје. Своите настапи за финалето на 23-тиот ТАКСИРАТ веќе ги потврдија БОРИС БРЕЈЧА, „ПАРТИБРЕЈКЕРС“, „МИЗАР“, АН КЛУ и „САНАТОРИУМ“ на главната бина, како и „ЦРНИ ЦЕРАК“, „Z++“ и други изведувачи кои ќе бидат наскоро објавени.
Првите ПРОМО-билети за главната вечер на ТАКСИРАТ целосно се распродадоа во рекорден рок, а во моментов актуелна е продажбата на билетите со втората ПРОМО-цена од 650 денари која важи исто така за ограничен број на билети за кои интересот не стивнува, па и нивното распродавање се очекува во следните неколку дена. Сите оние кои допрва го резервираат својот промо-билет за ТАКСИРАТ, најбрзо можат да го сторат тоа онлајн на овој линк или пак во продажната мрежа на МкТикетс. ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ ќе се одржува во согласност со актуелните протоколи за организација на настани во затворен простор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.