Утре, на 22 октомври со почеток од 20:30 часот ќе се одржи второто издание на фестивалот МКЦ Шизи. Прославата за 15 години постоење на Sure Shotz се заокружува со настапот на мултиталентираниот Xzibit, кој оваа година ќе биде хедлајнер. На иста бина ќе бидат: Xzibit, Ras Kass, Problem, James Savage, Demrick, Dj Hoppa, Eskei83, Frenkie, Phat Phillie, Shorty P и Irie Scratch.

Xzibit е еден од највлијателните рапери од западната школа. Неговата приказна е многу интересна, и опфаќа успешни проекти на повеќе полиња како музика, филм и шоу бизнис. Љубовта кон пишување текстови му се родила на 14-годишна возраст, а првото појавување на песна му е во 1995 година (“Hit and Run”) како гостин на Tha Alkaholiks. Истата година потпишува договор со Loud Records, за кои една година подоцна го издава деби албумот At the Speed of Life. Албумот дебитира на 74 место на Billboard Top 200 листата, а најголем хит од истиот е Paparazzi. Во текот на наредните две години тргнува на турнеја со Likwit Crew и полека почнува да ја гради својата репутација на западниот брег. Веднаш потоа го објавува својот втор албум 40 Dayz & 40 Nightz, кој на топ-листите поминува уште подобро од својот претходник. Од него излегуваат дури 4 синглови, меѓу кои најпопуларен е What U See is What U Get. Благодарение на овие два албуми, Xzibit го привлекува вниманието на Dr. Dre., кој му овозможува да биде гостин на албумот No Limit Top Dogg на Snoop Dogg (Xzibit се појавува на песната Bitch Please). Уште поголем успех претставува појавувањето на 6 пати платинумскиот албум на Dre – 2001, и тоа на песните Lolo, Some L.A. Niggaz и мега-хитот What`s the Difference на кој гостува и Eminem. Таа година (1999) е веројатно негова најуспешна, а истата ја завршува со актерско деби, и тоа во филмот The Breaks. Една година подоцна, го издава и третиот студиски албум – Restless, кој е продуциран токму од Dr. Dre. До овој момент има објавено уште 4 албуми од кои произлегоа голем број хитови (негови најуспешни се секако “X” и “Hey Now”), а за оваа година е најавен уште еден, кој ќе биде насловен како King Maker. Огромна заслуга за вртоглавиот успех на Xzibit, има реалното шоу Pimp My Ride, кое се емитуваше на музичкиот канал MTV во периодот од 2003 до 2007 година. Неговата харизма како и односот со момците од West Coast Customs сервисот, направи неговата популарност значително да се зголеми. Од 2012 година, сериозно се посветува на актерската кариера (досега има забележано 19 улоги во филмови и серии). Најпрво добива улога во серијата Seal Team Six: The Raid on Osama Bin Laden, а се појави и во три епизоди од серијата Hawaii Five-O. Негов најголем успех во последно време е улогата на ликот Shyne, во хит-серијата Empire која ја доби во 2016 година, улога која ја игра до денес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.