Светската музичка ѕвезда Стинг на 2 јуни годинава ќе настапи на градскиот стадион во Скопје. Концертот е во рамки на неговата турнеја „My songs“, а специјален гостин ќе биде Влатко Стефановски.

На денешната средба со новинарите организаторите информираа дека во рамки на настанот „Skopje Calling“, Стинг ќе понуди несекојдневно и динамично шоу, фокусирајќи се на неговите најдобри песни од ерата на „The Police“ и од соло кариерата.

„Englishman in New York“, „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Every breath you take“, „Roxanne“, „Message in a bottle“ се само неколку од песните што ќе можат да се слушнат вечерта во Скопје, во изведба на една од најголемите рок ѕвезди на светот на сите времиња. Според информациите што ги добивме, скопскиот концерт на Стинг е најпродаван од сите досегашни концерти што се објавени во рамки на неговата „My songs“ турнеја во Европа што трае три месеци, рече Ивана Нолчева од Авалон.

Оттаму додаваат дека ова е нивниот најамбициозен проект и дека очекуваат околу 25 до 30 илјади публика, зашто рокенролот е одбрана музика и тоа е реална посетеност за државата и блискиот регион.

Специјален гостин на концерот на Стинг е македонската музичка легенда, Влатко Стефановски денеска на новинарите им раскажа дека Стинг отсекогаш му претставувал инспирација, и со неговото ново трио – „Верзија три“ со едночасовен настап, ќе се обиде да ја подготви публиката за концертот на британската мега ѕвезда. Членови на ова трио покрај Влатко Стефановски се неговиот син Јан Стефановски и гитаристот Иван Кукиќ за кого рече дека за него е откритие.

После долги години, гледам дека Скопје порасна како град. Ништо не се случува случајно. Мојата историја со Стинг долго трае и споро се приближуваме еден кон друг. Можам да кажам дека тој ми давал инспирација во сите овие години наназад. Во шоу-бизнисот постојат многу ѕвезди, но не се сите музичари. Стинг е голем музичар кој заслужува огромен респект, рече Влатко Стефановски.

Тој настапот со своето трио пред Стинг го спореди со фудбалскиот натпревар Англија-Македонија и поентираше дека ќе се обиде да извлече нерешено.

На прашањето  дали ке има посебен репертоар, Стефановски рече дека сериозно се подготвува заради респектот кон Стинг, но и поради стадионската изведба која има свои специфики.

Ќе има и некои постари песни кои се изборија а не сме ги пееле одмана, но и нови кои не сме ги свиреле. Не сум сонувал дека ќе настапувам пред Стинг. Јас немам илузии дека светот мене ме чека. За времето што ни е дадено, мора да постигнеме три гола. Полека го бирам репертоарот. Ќе внесам нешто ново, можеби нешто неснимено досега. Тоа што не поврзува со Стинг е пристапот кон музиката, песните. Јас сфатив дека ако имаш женска публика, значи дека имаш добри песни. А Стинг има напишано многу големи песни, рече Стефановски.

Големиот македонски гитарист посочи дека секогаш ги сакал Стинг и Полис  а дека со дел од членовите имал и заеднички настап.

И јас и Стинг сме најблиску како пишувачи на песни, и тоа е многу поважно отколку свирењето техничката перфекција и брзина. Ќе имаме добра свирка особено што имам нова ритам секција нов басист и тапани зад кои ке седи мојот син кој во последно време ме воодушевува колку добро го прави тоа, рече виртуозот Стефановски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.